
Хјуе е град во Виетнам и административен центар на провинција Тхатхиен-Хјуе. Тој е важен културен, политички, економски, образователен и туристички центар на државата. Во периодот 1802-1945 г. бил главен град на виетнамската феудална династија Нгуен. Хјуе се слави со богата архитектура, во која се комбинираат различни струи - кралското со практичното, религиозното со народното, традиционалното со современото. Најголем и сложен архитектурен објект е т.н. ''Комплекс на спомениците'', изграден во времето на династијата Нгуен. Во 1993 г. Комплексот е вклучен во списокот на УНЕСКО за светско културно наследство. Најинтересни за посета се тврдината и забранетиот град, императорските гробници, будистичкиот храм “Тиен Му“ и музејот ''Хјуе''.