
Катедралата „Сант‘ Агата“ се наоѓа во историскиот центар на Катанија, Сицилија. Таа е римокатоличка катедрала, посветена на Света Агата - христијанска светица, маченица и заштитничка на градот. Тука се наоѓа седиштето на епископите во Катанија. Катедралата била рушена и обновувана неколку пати, поради земјотресите и арупциите на вулканот Етна, кој се наоѓа во близина на градот. Првата градба датира од 1078 г. и била изградена врз древни римски бањи. По катастрофалниот земјотрес во 1693 г. од катедралата останале само руини. Обновена е повторно, овој пат целосно во барок стил. Барокната фасада е дело на Џовани Батиста Вакарини и се состои од три нивоа на коринтски столбови од гранит, најверојатно земени од Римскиот театар во градот. Во екстериорот на катедралата можат да се видат мермерни статуи на Света Агата, слики од нејзиниот живот и мачење, папски грбови и симболи на христијанството. Забележителна е камбанаријата на зградата, како и параклисот. Катедралата е една од основните забележителности во Катанија, вистински претставител на барокната уметност.