
Водопадот Викторија е расположен на река Замбези, на границата меѓу афричките држави Замбија и Зимбабве. Локалното име на водопадот е "Моси-Оа-Тунија" (громски чад). Во 1855 г., кога тука доаѓа шкотскиот мисионер и истражувач Дејвид Ливингстон, му го дава името по англиската кралица Викторија. Според некои пресметки, Викторија е најголемиот водопад во светот. Широк е 1,7 км., а височината му достигнува меѓу 90 и 107 м. Викторија е дел од два национални паркови и е една од најпознатите туристички дестинации во Африка. Водопадот е дел од Списокот за светско културно и природно наследство на УНЕСКО и е едно од Седумте природни чуда во светот.