
Вардзија е древен манастирски пештерен комплекс и град, кој датира од 12-13 век. Се наоѓа во јужниот дел на Грузија и е важен грузиски архитектурен и уметнички споменик. Низ годините играл важна улога во политичкиот, културниот, образовниот и духовниот живот на државата. Во 2007 година манастирот е предложен за вклучување во Списокот на светското културно и природно наследство на УНЕСКО. Тој се наоѓа во локалитетот Џавахетија, од каде започнува распространувањето на христијанството во Грузија, во планината Ерушети. Целта на неговата изградба била да ја пази југозападната граница на Грузија од турски, ирански и персиски напади. Пештерниот комплекс е изграден меѓу 1156 и 1205 година за време на Златниот век на државата. Во него има тврдина, манастир, сала за тронови, бањи, библиотеки, живеалишта, аптека, складови, трпезарии, трезор и многу други, кои вкупно бројат над 600 објекти.